Во рамките на караванот за демонстрации на експерименти во основните училишта, оваа недела беше реализиран уште еден едукативен и инспиративен настан – работилница за повторна употреба и пренамена на био-отпад, со учениците од ООУ „Круме Кепески“ во општина Кисела Вода.
Посебна вредност на настанот претставуваше вклученоста на волонтери – ученици кои претходно учествуваа на обуки во Биотехнолошката лабораторија и сега имаа можност да го пренесат своето знаење и практично искуство на своите врсници. Овој пристап поттикнува врсничко учење, зајакнување на самодовербата кај младите и создавање активни промотори на одржливи практики во училиштата.
За време на работилницата, учениците експериментираа со производство на биодизел, дискутираа за принципите на циркуларната економија и разговараа за конкретни чекори што секој поединец може да ги преземе за намалување на отпадот и заштита на животната средина. Преку практична работа и отворен дијалог, темите за одржлив развој беа приближени на разбирлив и мотивирачки начин.
Овие настани на отворено се дел од караванот за демонстрации на експерименти во училиштата, кој се реализира во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органскиот отпад“. Проектот го спроведува Resource Environmental Center – REC North Macedonia, во партнерство со Eco-Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon.
Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.

