Научниот караван оваа учебна година се врати со обновена енергија и уште поголема инспирација за младите генерации. На 30 октомври 2025 година, тимот на Научниот караван го посети ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода, носејќи едукативни активности што ја поврзуваат науката, екологијата и секојдневниот живот.
Преку интерактивни и практични демонстрации, учениците имаа можност да истражат што значи отпадот да се претвори во корисен ресурс. Донесениот био-отпад од дома, како лушпи од јаболка и искористено масло, послужи како основа за учење преку искуство и за разбирање на принципите на повторна употреба и одговорно управување со органскиот отпад.
Активностите беа насочени кон учениците од VII, VIII и IX одделение, кои се запознаа со иновативни пристапи во рамките на циркуларната економија. Тие учеа за производство на биодизел од отпадно масло, како и за креативна изработка на биофилм од лушпи од компири, стекнувајќи знаења за тоа како науката може да понуди конкретни решенија за еколошките предизвици.
Преку овие активности, учениците ја согледаа важноста на личниот придонес во заштитата на животната средина и научија дека промените започнуваат од мали, секојдневни чекори – од дома, преку свесни одлуки и одговорни постапки.
Научниот караван е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, кој го спроведува Resource Environmental Center – REC North Macedonia, во партнерство со Еко Логик и Center for Environmental Democracy – Florozon. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.
Голема благодарност до наставниците и учениците за нивниот ентузијазам, љубопитност и отвореност за нови знаења. Заедно продолжуваме да учиме, истражуваме и да градиме поодржлива иднина.

