Видеата што ги споделуваме се создадени за време на работилниците и тестирањето на зелените бизнис идеи со ученици од основните училишта во општините Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Тие го прикажуваат процесот низ кој младите учеа како био-отпадот може да се претвори во ресурс, иновација и можност за одржлив развој.
Во текот на работилниците, учениците развиваа сопствени зелени бизнис идеи, работеа во тимови, истражуваа практични решенија за повторна употреба на органскиот отпад и ги тестираа своите концепти. Преку овој процес тие стекнаа знаења за циркуларната економија, претприемништвото и одговорното управување со природните ресурси.
Овие активности претставуваа важен дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, чиј завршен настан се одржа на 28 мај во Градски парк – Школка во Скопје. Тогаш беа презентирани најдобрите ученички зелени бизнис идеи и беа доделени награди на најуспешните тимови, потврдувајќи дека младите можат да бидат двигатели на позитивни промени во своите заедници.
Проектот ги обедини учениците, наставниците, општините, граѓанските организации и локалната заедница околу заедничка цел – намалување на био-отпадот и поттикнување на циркуларната економија преку практична едукација и граѓански активизам.
Проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ го имплементираат Resource Environmental Center (REC) North Macedonia, Еко Логик и Center for Environmental Democracy – Florozon, со цел да придонесат кон одржливо управување со био-отпадот и развој на практични знаења кои водат кон поодржливи заедници.
Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas. Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Македонија, кој го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска.