Што чувствуваме кога размислуваме за климатската криза? Како климатските промени влијаат врз нашата ментална благосостојба и како грижата за иднината на планетата може да стане поттик за позитивна промена?
Овие прашања беа во фокусот на Climate Café, одржано во MladiHub Штип, каде што млади луѓе се собраа да разговараат за климатската анксиозност и емоциите поврзани со климатските промени.
Отворен разговор за климатската анксиозност
На активноста учествуваа студенти од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, заедно со нивни колеги и млади надвор од академската заедница кои покажаа интерес за темата.
Преку отворена дискусија, учесниците споделија лични размислувања и искуства за тоа како климатските промени влијаат врз нивните емоции и менталната благосостојба. Посебно внимание беше посветено на значењето на безбедните простори во кои младите можат слободно да ги изразат своите грижи, да поставуваат прашања и да добијат разбирање и поддршка.
Климатската анксиозност, односно загриженоста и вознемиреноста поврзани со климатската криза и неизвесноста за иднината, е тема за која сè повеќе треба да се разговара. Препознавањето на овие чувства е важен чекор кон развивање здрави начини за нивно разбирање и справување со нив.
Од загриженост до локална акција
Разговорот се насочи и кон можностите загриженоста за климатската иднина да се претвори во позитивна промена, поголема младинска вклученост и конкретни активности во локалната заедница.
Преку заедничко учење, размена на искуства и меѓусебна поддршка, младите имаат можност да препознаат дека не се сами во своите грижи и дека нивниот глас, идеи и иницијативи можат да придонесат кон промени.
Climate Café во Штип претставуваше можност за поврзување на младите, отворање важни прашања и поттикнување дијалог за теми што ги поврзуваат животната средина и менталната благосостојба.
За проектот Eco-Competent
Активноста е дел од проектот Eco-Competent, кој преку меѓународна соработка, учење и споделување искуства придонесува кон подобро разбирање на климатската анксиозност и поддршката на младите во контекст на климатските промени.
Преку ваквите активности, знаењето стекнато на меѓународно ниво се пренесува во локалните заедници, создавајќи можности за нови разговори, соработка и дејствување.
Еко Логик упатува благодарност до сите учесници за нивната отвореност, прашањата и идеите, како и до MladiHub Штип за просторот и можноста за реализација на оваа активност.
Eco-Competent | Erasmus+ KA153 – Mobility of Youth Workers | BIKE – Bündnis für klimaschonende Initiativen und Kooperationen in Europa
Оваа активност е дел од проектот Eco-Competent, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Erasmus+. Ставовите и мислењата изразени во оваа објава се исклучиво на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската Унија или на органот што ја доделува поддршката.
