Алијанса за кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сé!
Што е „Разбистри сè“?
„Разбистри сè“ е кампања на Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Алијансата за застапување и лобирање, која се фокусира на два специфични проблема:
(1) управувањето со водните ресурси (како да се користи и заштити водата) и
(2) инспекцискиот надзор против прекумерното искористување на природните ресурси (минерални суровини, шуми, почва и вода).
Кампањата „Разбистри сè“ има за цел да ја подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми, да го зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики, како и да овозможи поголем дијалог од надлежните институции во процесот на креирањето на политиките.
Кампањата коинцидира со целите коишто треба да се исполнат со примена на одредбите од Законот за води, односно одржливо користење, зачувување и постојано подобрување на расположливите водни ресурси, крајбрежното земјиште и биолошката разновидност, како и намалување на испуштања на опасни материи и супстанции во водите. Имплементацијата на законодавството е на многу ниско ниво, водниот ресурс се користи нерационално и не ја добива адекватната заштита како медиум на животна средина, нема институционален капацитет и опрема за имплементација и недоволно се одвојуваат финансиски средства од државниот буџет за имплементација на законодавството.
Во однос на инспекцискиот надзор, којшто претставува исклучително важен сегмент од постапките во областа на животната средина, неопходно е вработување на потребните човечки ресурси во секој инспекторат и инспекциска служба одделно, обезбедување на сите потребни технички и материјални услови за работа, средства и опрема, воспоставување современи електронски бази на податоци и овозможување слободен проток на информациите од јавен карактер.
Оваа кампања од јавен интерес се реализира со поддршка од и заеднички активности со Алијансата за застапување и лобирање, која ја сочинуваат граѓански организации, иницијативи и активисти, факултети и училишта, општини и медиуми. Кон кампањата може да се приклучат сите засегнати од загрозувањето и уништувањето на природните ресурси во Македонија.
Кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ се спроведува во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Британската амбасада во Скопје.