Коалиција на младински организации – СЕГА
СЕГА е национална платформа на младински организации посветена на лобирање за потребните законски измени, како и поддршка на младинскиот активизам, пристапот до информации и учеството на младите во активности за решавање на нивните проблеми.
Младински совет Прилеп и две партнерски организации ја предводеа иницијативата за формирање на Коалиција на младински организации за аплицирање и спроведување на проектот „Национален младински акционен план“. Продолжувајќи со процесот, на 20 јануари 2004 година неофицијално беше формирана Коалицијата на младински организации СЕГА со цел да придонесе во развојот и спроведувањето на Националната стратегија за млади на Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. На 27 септември 2004 година беше донесена одлука за формално регистрирање на Коалицијата како здружение на граѓани. Коалиција СЕГА е национална организација со колективно членство.
Членството на Коалицијата (во моментов) го сочинуваат 16 основни и 8 придружни организации членки. Управувачката структура е составена од следните тела:
- Собрание – составено од сите челнови;
- Управен Одбор – составен од пет претставници од основните членки;
- Надзорен Одбор – составен од тројца претставници од членовите на Собранието.
Извршната структура е организирана во Централната канцеларија, која се наоѓа во Прилеп, и четири подрачни канцеларии во: Штип, Охрид, Тетово и Скопје. СЕГА работи и со два младински информативни и советодавни центри ИНФОСЕГА во Прилеп и Кавадарци.