Осветелни паркинзи за велосипеди, поставени на видливи места во училиштата и под стреа; слеани рабници; добро поврзани вело патеки во околината на училиштето и низ градот, едукација за безбедност во сообраќајот; работилници за одржување и поправка на велосипедот; групни возења велосипед; симболични награди, благодарници, сертификати… се дел од мерките кои секое училиште, вклучително и Градот треба да им ги понуди на средношколците за да ги стимулира да возат велосипед до училиште. А, што ние од Еко Логик и Вело Училишта треба да сториме?! Да организираме уште многу вакви вебинари, дискусии и работилници со професорите и средношколците.
Вчера, на 15 декември 2022 година (четврток), заедно со професорите на неколку средни училишта во градот, дискутиравме токму за овие работи. Главна тема на вебинарот за професори кој го одржавме заедно со експертот за урбан велосипедизам, Дарко Арсовски беше велосипедизмот и младите или, како да ги поттикнеме средношколците да возат велосипед до училиште?! И, слушнавме позитивни примери за урбан школски велосипедизам од СУГС „Кочо Рацин“,слушнавме за важноста на поддршката на Град Скопје за да ги мотивира училиштата и учениците… слушнавме и за негативните страни на урбаниот школски велосипедизам, како и за проблемот да се поттикнат учениците да возат велосипед до училиште кога живеат на голема раздалечност од училиштето и особено, кога живеат надвор од градот. Останува да си закажеме нови слични средби со сите професори кои беа вчера, вклучително и со учениците, а и со сите оние кои не беа. Овој пат, можеби на нивни терен, наместо он-лајн.
–
Вебинарот за професори „Со велосипед до училиште“ беше оргранизиран во рамки на проектот „Камп за одржливост – Епизода бр. 6: Вело млади“. Освен вебинарот за велосипедизам, организирана беше и работилница за велосипедизам за средношколци од I и II година од средните училишта на Град Скопје.
Проектот „Камп за одржливост – Епизода бр. 6: Вело млади“ има за цел да го промовира велосипедот како брзо, безбедно и еколошко превозно средство, како и да ги поттикне средношколците безбедно да возат велосипед до училиште.
Проектот е ко-финансиран од Град Скопје, а го спроведува Еко Логик и Вело Училишта.