Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори.
Иницијативата се роди од желбата да се комбинираат еколошкиот аспект и практичноста, да се понуди решение кое е корисно за велосипедистите и во исто време ја подигнува свеста за кружната економија. Првите прототипови веќе се поставени во училишта и јавни простори, а реакциите на заедницата се повеќе од позитивни – учениците, наставниците и граѓаните ја ценат функционалноста, естетиката и пораката за одржливост која ја носи Bure-Cycle.
Металните буриња ги обезбедува EkoCentar 97, водечка компанија за управување со отпад во Македонија, која гарантира безбедна и еколошки одржлива подготовка на материјалите. Со вклучување на локални училишта и заедницата во дизајнот и подготовката, Bure-Cycle станува модел за соработка, креативност и учење за одржливост.
Проектот беше претставен како дел од Првата Академија за циркуларна економија, организирана од ARNO во соработка со People in Need North Macedonia и партнери, каде беа развиени 12 концепти за циркуларни бизниси. Академијата за циркуларна економија беше активност што се спроведуваше во рамки на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ финансиски поддржан од Европската Унија преку ИПА Програмата за граѓанско општество. Оваа обука им помогна на тимот на Еко Логик да го доработи концептот и да создаде производ кој е и практичен, и инспиративен.
Со Bure-Cycle, Еко Логик покажува дека одржливоста не е апстрактен концепт, туку нешто што можеме да го примениме секојдневно – преку практични, креативни и заеднички решенија.