Обука и предизвик: „Парче по парче – Street Smart Flagbag сложувалка“
Еко Логик објавува отворен повик за избор на 10 наставници и едукатори кои ќе учествуваат на тридневна обука и практичен предизвик за имплементација на Street Smart Flagbag методологијата.
📅 Датум: 1–3 април 2026
📍 Локација: Еко Логик, Скопје
🕚 Времетраење: 11:00 – 14:00 часот
Обуката ќе се реализира на македонски јазик.
Оваа обука е наменета за наставници и едукатори кои работат со деца од претшколска возраст, основно образование и (по можност) прва година средно образование.
Што претставува Street Smart Flagbag?
Street Smart Flagbag е интерактивна и практична методологија која користи тематски знаменца како алатки за поттикнување дијалог, самодоверба, активно учество и социјално-емоционален развој кај децата.
Методологијата е дел од меѓународната MobileSchool мрежа и се базира на современи пристапи како:
- Негативни искуства од детството
- Теорија на самоопределување
- Работа со деца кои имаат различни животни искуства
- Активно учење преку игра и движење
Знаменцата се кратки, практични и лесно применливи активности што можат да се користат како активност за запознавање, вежба за подигнување енергија или како дел од цела работилница.
Како ќе се одвива процесот?
Обуката се состои од две поврзани фази и отворање можност за трета фаза:
🧩 Фаза 1: Обука – Сложување на рамката на сложувалката
Запознавање со Street Smart Flagbag методологијата, принципите и категориите знаменца. Учесниците ќе стекнат теоретско разбирање и практично искуство преку демонстрации од искусни наставници и едукатори и групна работа.
🧩 Фаза 2: Предизвик – Сложување на целата слика од сложувалката
Со самото учество на обуката, учeсниците автоматски влегуваат во практичен предизвик. Секој учесник избира знаменце, го применува во својата пракса и го документира искуството преку Street Smart Impact платформата. Процесот продолжува сè додека не се применат минимум 10 знаменца. За успешно учество во предизвикот и користење на платформата, потребно е основно познавање на англиски јазик.
Целта не е обемна административна работа, туку постепено, лесно и реално вклучување на методологијата во секојдневната пракса.
🧩 Фаза 3: Годишни предизвици – Сложувалки во повеќе нивоа
Учесниците кои успешно ќе ги завршат предизвиците имаат можност да напредуваат низ годините со сертификациски нивоа (Junior, Advanced, Senior, Master) и да станат дел од заедница на искусни Street Smart Flagbag едукатори.
Сертификација
По завршување на обуката учесниците добиваат сертификат за учество.
По успешно имплементирани 10 знаменца и завршен предизвик, добиваат дополнителен сертификат за активно и успешно спроведување на Street Smart Flagbag методологијата, како и можност за напредување во следни нивоа на експертиза.
Кој може да се пријави?
- Наставници од претшколски установи
- Наставници од основни и средни училишта
- Едукатори во формално и неформално образование
- Лица кои работат со деца и млади
Пожелно е кандидатите да имаат мотивација за воведување нови интерактивни методи во својата пракса.
Основни критериуми (задолжителни)
- Работа со деца од целната возраст (претшколска, основно, рана средна)
- Подготвеност за учество на сите 3 дена од обуката
- Подготвеност за имплементација на минимум 10 знаменца во период од 6 месеци
- Основно познавање на англиски јазик за потребите на предизвикот и користење на онлајн платформата и знаменцата
Број на учесници
Ќе бидат избрани максимум 10 наставници и едукатори за оваа обука, со цел да се обезбеди квалитетна, интерактивна и практична работа.
(Следни циклуси на обуки ќе бидат организирани дополнително.)
Како да аплицирате?
Кандидатите треба да ја пополнат формата за пријава на следниот линк: https://forms.gle/R3viNMy6E8DWUheG7 Рок за пријавување: 15 март 2026, 23:59 часот
Одбраните учесници ќе бидат известени на електронската пошта поднесена во формуларот.