Минатата недела во ООУ „Петар Поп Арсов“ се одржа креативната работилница за декорација и донација на велосипедски паркинзи „Шарен велосипедски свет“, во организација и како донација од Еко Логик.
На работилницата учествуваа 55 дечиња од второ одделение, кои преку игра и креативна практична работа имаа можност да се запознаат со основните принципи на реупотреба и циркуларна економија. Наместо класично учење, децата учеа преку директно искуство, истражување и заедничка работа.
Најзначајниот момент од активноста беше процесот на декорација на велосипедските паркиралишта, кои беа донирани од Еко Логик. Во тој процес, функционалниот урбан елемент се трансформираше во заедничка детска креација, создадена преку труд, тимска работа и креативно изразување.
Со вклучување на децата во процесот на уредување и обликување на паркинзите, се развива силно чувство на припадност и поврзаност со училишниот простор. Кога децата учествуваат во создавањето на објектите што ги користат секојдневно, тие природно развиваат поголема одговорност и грижа кон нив.
Овој тип на активности уште еднаш потврдува дека одржливоста започнува од мали и практични чекори, во училишниот двор и преку заедничка грижа за просторот во кој живееме и учиме.
Иницијативата „Вело-Буре паркинг“ е дел од Првата Академија за циркуларна економија, организирана од ARNO во соработка со People in Need North Macedonia и партнери, каде беа развиени 12 иновативни концепти за циркуларни бизниси.
Оваа Академија се реализираше во рамки на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, поддржан од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество.








