На 21.05.2026, во рамки на Денот без автомобили организиран од Вело Училишта / Car Free Day by Velo School, oрганизиравме креативна работилница што го претвори училишниот двор во простор исполнет со боја, идеи и детска енергија.
Повеќе од 100 дечиња учествуваа во активности за декорација, кроење и лепење со користени и отпадни велосипедски гуми. Преку игра и креативност учеа дека работите што често ги сметаме за отпад можат да добијат сосема нов живот и значење.
Најубавиот дел од денот беше моментот кога децата почнаа да ги бојат и разубавуваат Вело-Буре паркинзите кои Eco Logic ги донираше во училиштето. Со секоја боја, цртеж и идеја, тие оставија дел од себе во просторот што отсега ќе го користат секој ден.
Токму тоа е и суштината на Вело-Буре паркинзите — тие не се само место за оставање велосипеди. Тие се начин децата да почувствуваат дека велосипедот е добредојден во училиштето, дека движењето е важно и дека малите промени можат да создадат големо влијание.
Создадени со идеја да поттикнат активна мобилност и поодржливи училишни средини, Вело-Буре паркинзите покажуваат како дизајнот може да биде и функционален и едукативен. А кога во нивното разубавување се вклучени и самите деца, тие стануваат уште повредни затоа што носат приказна, емоција и чувство на припадност.
Преку оваа работилница, децата не учеа само за реупотреба и циркуларна економија. Тие учеа дека секој може да придонесе за поубаво и почисто опкружување, со малку креативност, тимска работа и желба за промена.
Со вакви иницијативи, продолжуваваме да создаваме решенија што не се само производи, туку алатки за едукација, поврзување и градење поодржлива иднина за децата и заедницата.
Иницијативата „Вело-Буре паркинг“ е дел од Првата Академија за циркуларна економија, организирана од ARNO во соработка со People in Need North Macedonia и партнери, каде беа развиени 12 иновативни концепти за циркуларни бизниси.
Оваа Академија се реализираше во рамки на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, поддржан од Европската Унија преку ИПА програмата за граѓанско општество.

